Доколку сакате да продавате стан или куќа преку посредник, агентот ќе мора да има поминато соодветна обука, а агенцијата за која работи да биде лиценцирана. Kупопродажните договори направени со посредство на агенција за недвижности ќе бидат унифицирани за сите кои се занимаваат со оваа дејност. Ова се само дел од одредбите содржани во работниот текст на законот за посредување во промет со недвижности што го подготвува Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија. Законската регулатива ќе се однесува само на продажбата на недвижности преку посредници, а не и на становите што ги градат градежни компании и потоа самите ги продаваат. Агенциите за недвижности од поодамна бараат да се донесе закон со кој ќе се уреди нивната дејност. Тие напоменуваат дека сега секој граѓанин што ќе се регистрира како трговец-поединец може да посредува при продажба и при издавање недвижности, без разлика дали има квалификации за тоа.
Доколку сакате да продавате стан или куќа преку посредник, агентот ќе мора да има поминато соодветна обука, а агенцијата за која работи да биде лиценцирана.
Kупопродажните договори направени со посредство на агенција за недвижности ќе бидат унифицирани за сите кои се занимаваат со оваа дејност. Ова се само дел од одредбите содржани во работниот текст на законот за посредување во промет со недвижности што го подготвува Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Законската регулатива ќе се однесува само на продажбата на недвижности преку посредници, а не и на становите што ги градат градежни компании и потоа самите ги продаваат. Агенциите за недвижности од поодамна бараат да се донесе закон со кој ќе се уреди нивната дејност. Тие напоменуваат дека сега секој граѓанин што ќе се регистрира како трговец-поединец може да посредува при продажба и при издавање недвижности, без разлика дали има квалификации за тоа. Немањето законска регулатива придонесува за одредени проблематични ситуации при продажбата на недвижностите, при што некои посредници успеваат да ги измамат граѓаните. Една од можностите во новиот закон ќе биде да им се одземат лиценците на тие агенции што работат непрофесионално.
Од Здружението за градежништво, во чиј состав работи и Групацијата на агенции за недвижности, објаснуваат дека работниот текст е при крај и оти во моментов се прецизираат одредени одредби. Овој текст ќе биде испратен до надлежните министерства, кои треба да изготват предлог-закон.
- Агенциите за недвижности и тоа како имаат интерес од носењето ваков закон. Kај нас оваа дејност с` уште не е регулирана. Со законот конечно ќе се уреди дејноста и ќе се заштитат и агенциите и клиентите. Воведувањето лиценци значително ќе го подобри квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните - велат од Групацијата на агенции за недвижности.
Токму поради законската неуреденост, кај нас не се знае точната бројка на агенции за недвижности. Процените се дека во моментов работат од 180 до 200 агенции, но бројката не може прецизно да се одреди бидејќи некои од нив, освен за посредување при продажба, се регистрирани и за вршење друга дејност.
Во моментов, за да се отвори агенција за недвижности, потребно е само да се регистрира фирма, а како агенти за недвижности работат лица од речиси сите образовни профили. За посредување при продажба, агенцијата најчесто наплаќа два отсто провизија од вредноста на продадениот недвижен имот, трошок кој по договор го сноси продавачот или купувачот. Изготвувачите на работниот текст на законот с` уште размислуваат дали овој процент фиксно да го наведат и во законската регулатива или да остават простор висината на провизијата да ја договараат агенцијата и клиентите.